Остануваат само 4 дена до првиот натпревар на македонската ракометна репреземтација на европското првенство во Полска. А на стартот, Македонија не можеше да има посилен противник.
Франција – актуелниот европски, светски и олимписки шампион. Оваа генерација француски ракометари е веројатно најталентираната група на играчи кој настапувала заедно во последните 25 години. Предводени од едни од најголемите играчи во историјата на овој спорт, Никола Карабатиќ и Омејер, заедно со феноменалните Нарцис, Гигу, Абало, Лука Карабатиќ, Сораиндо и Порте, Франција е страв и трепет за секоја репрезентација.
Но Франција е соочена со проблеми пред ова првенство. Во тимот ќе ги нема Жером Фернандез, Кевин Ниокас, Метју Гребил, Тимоту Н’Гусан и Вилијам Акамбре, а под голем знак прашалник е и физичката спремност на Барашет. Тоа е и причина селекторот Онеста, во поголемо темпо од планираното да врши подмладување на репрезентацијата.
Тоа веројатно е и причина за променливите резултати на Франција во подготвителниот период. Така, во последните два одиграни натпревари, Франција прво забележа изненадувачки пораз од Катар, на свој терен, од 25-28, за само неколку дена потоа да ја демолира извонредната селекција на Данска со 36-28.
Шансата на Македонија е во фактот дека Франција ни е противник токму во првиот меч. Онеста е од оние тренери кои внимателно ја темпираат формата на своите екипи. Селекторот на Франција знае дека во групната фаза (и покрај исклучително силните противници) ќе треба да одигра само онолку колку ќе биде потребно за да победи, за да ја мине групата со колку е можно повеќе бодови, и потоа, во втората недела од шампионатот, полека да ја подига формата. Тоа, плус несомнената уиграност, посветеност и желба за победа кај Македонија, може да биде причина за големо изненадување на стартот на првенството.
Сепак, мора да се биде објективен. Со каков тим и да настапи Франција, оваа репрезентација ќе биде еден од главните фаворити за пласман во полуфиналето. Базата на играчи од кои може да бира Клод Онеста е извонредно голема, и иако можеби нема Французите да бидат толку супериорни како на досегашните шампионати, сепак квалитетот, спојот на искуство и младост, им дава за право да се сметаат за прв фаворит во групата А на ЕП во Полска.
Мечот помеѓу Македонија и Франција се игра во петок, 15.01.2016, во Таурон арената во Краков, со почеток во 18:00ч, со директен пренос на МРТ1.