Започна EURO 2016, веќе првиот ден е позади нас, можеби не со некои големи изненадувања, но со одлични игри и дефинитивно со израмнети сили.
- Хрватска – Белорусија
Големите невољи за Хрватскиот состав што ги следеа уште пред почетокот на ова првенство, продолжија и на првите два тренинзи. Два од два, два тренинзи и уште два повредени играчи и меч со Белорусија. Меч кој почна во знакот на Белорусија, одлично отварање на Белоруската репрезентација предводена од Рутенка. Белорусите тврди во одбрана и мудри во напад, но само во првиот дел. Со почетокот на вториот дел Хрватите ја превземаа контролата на мечот и славеа со убедливи 6 разлика (27-21).
- Исланд – Норвешка
Еден прекрасен скандинавски ракомет во кој имаше борба до последната секунда. На само 15 секунди пред крајот Арон Палмарсон постигна гол за водство на Исланд од 26-25. Стратегот на Норвешка повика тајм-аут за да го организираат следниот и последниот напад. Сето тоа го сторија со една убава акција и со шут од 9 метра, но Исландскиот голман беше на висина на задачата и успеа да го сопри тешкиот удар во долниот лев агол од голот и со тоа Исланѓаните ја издвојуваа првата победа и ги запишаа првите бодови.
- Македонија – Франција
Прекрасно отварање на мечот. Игравме како во транс. Изработени акции до крилата, прекрасен цепелин на Лазаров со Манасков, бомбата на Кузмановски од 12 метри по која Омејер не ни проба да изреагира, Борко блескаше кога беше најпотребно, а Ѓоргиевски беше немилосрден и ја користеше сигурно секоја прилика. Се одеше според планот се до таа 52 минута кога нашиот брод почна да тоне. За тоа се погрижија и нашите омилени дански арбитри кој на 4 пати им прогледаја низ прсти на моќните Французи. На крај сето тоа изгледаше како дебакл, иако ни навидум не беше така. Галските петли ги ставивме во кафез од каде немаа излез, но кога на се ова и среќата ќе ти го заврти грбот,т огаш е дефинитивно готово.
Но нашите херои покажаа како се игра, покажаа кој квалитет го поседуваме и сигурни сме дека она вистинското допрва доаѓа. Не очајуваме за поразот бидејќи не не разочаравте, напротив им покажавте дека ние сме тука и не сме само тука, него имаме квалитет и сили за да играме со секого. Краен резултат 30:23 за Франција.
- Полска – Србија
Сите на овoј меч очекуваа дека домаќините ќе влезат на теренот и ќе ја изгазат Србија и се ќе заврши. Но, се случи спротивното. Започна натпреварот, каде Србија во секој напад постигнуваше прекрасни изработени погодоци. Полска ја немаше таа дисциплина на теренот и во играта, наликуваше како повеќе да се дојдени за шоу. Во вториот дел Полска на два пати проба да се одлепи и да направи разлика, но тоа никако не им успеваше. Мечот беше изедначен до последната минута кога ракометарите на Полска погодија за еден плус, а Србите не искористија седмерец за да го израмнат резултатот. Натпреварот заврши со резултат 29:28 за домаќините. Дефинитивно ќе се согласиме дека Србија е далеку од аутсајдер со оваа група.
После овој прв ден дефинитивно е дека нема веќе аутсајдери и дека сите играат ракомет. Сега знаеме и зошто нашата група е група на смрта. Видовме 4 прекрасни натпревари од две групи и колку ли само неизвесна борба ќе има до крајот на групната фаза.
А пак ние Македонците во исчекување на утрешниот меч и домаќинот Полска, ќе пробаме денеска да се рехабилитираме од вчерашниот ден ,да ги проследиме натпреварите на големите фаворити Данска, Шпанија, Шведска, Германија, Словенија и да уживаме во секој потег на овие најголеми мајстори на оваа магична игра.
Драги љубители на ракометот уживајте во вториот ден од EURO2016.
Автор на текстот: Томислав Угриновски