Македонија на ова европско првенство го игра најдобриот ракомет до сега. За тоа нема дилема. Но, извонредната игра со Франција во прво коло и испуштената победа против Полска во второто кoло ќе останат во заборав ако денес не биде совладана Србија. Макар со слаба игра, макар на сила, Македонија денес мора да ја совлада Србија ако сака од ова првенство да си замине со позитивни импресии.
А триумф над Србија е реалност. Особено од она што го видовме од репрезентацијата на Србија во првите две кола. И на мечот со Полска и на мечот со Франција се виде дека Србија нема тимска игра. Успехот на екипата зависи директно од расположението на феноменалните бекови. Ненадиќ, Шешум и Зеленовиќ до сега покажаа дека се навистина убоити. Покрај нив, тука е и Рниќ, и оваа четворка е клучот за успехот на Србија. Можеби имаат убиствен шут од далечина (тоа го почуствуваа и Омејер и Шмал), но факт е дека често шутираат од неизградени позиции од 10 и повеќе метри, и тука е шансата за Македонија. Покрај бековската линија, тука се и крилата Никчевиќ и Џукиќ, кои го играат целиот меч на крилните позиции, но не претставуваат вистинска опасност поради начинот на игра на Србите, како и пикерите Марсенич и Бељански. Она што може да биде клучно за успех на Србија е Дарко Станиќ. Со години Станиќ беше миленик на скопската публика, и знаеме колку може да биде значаен на екипата ако влезе во серија. Дополнително тој одлично ги познава нашите играчи и тоа секако е предност за Србија.
Успехот на Македонија на овој меч, како никогаш до сега зависи од играта во одбрана. Јоновски и Марковски на централните позиции, мора да функционираат беспрекорно, но особено е важна и играта на Миркуловски и Стоилов на халф. Доколу нашите одиграат барем приближно како што одиграа во одбраната на мечот со Полска, повеќе од половината од работата ќе е завршена. Во првите два меча особено ни правеа проблеми нападите на противникот кои одеа преку пикер, но ниту Марсениќ е Сорендо, ниту бековите на Србија го имаат ракометното знаење за проигрување како полските бекови, па тука овој пат би требало да имаме помалку проблеми.
Во нападот, по којзнае кој пат мора да потенцираме дека концентрацијата мора да биде на највисоко ниво. Манасков и Георгиевски од крилните позиции, како и Стоилов и Пешевски од пикерските позиции мора да ги погодуваат зицерите и да не дозволат Станиќ да велезе во серија. Во бековската линија мечот ќе мора да го износат Миркуловски, лазаов и Прибак, кои се наши најдобри бекови на првенствово и чие искуство може да бид епресудно.
По моја слободна процена, Македонија е подобра од Србија за 4-5 голови. Но во меч во кој двете репрезентации ќе бидат под притисок „да се биде или не“, тоа е невозможно. Важноста на натпреварот може и тоа како да влијае на двете екипи. Кој ќе биде подобар на ваков меч подеднакво зависи од квалитетот, но и од концентрацијата и психичката стабилност на репрезентативците. Веруваме дека нашата репрезентација, нашата спортска гордост ќе покаже уште еднаш дека со причина ја обединува целата спортска јавност зад себе.
Само храбро! Одиме по победа.