Па и не би рекол дека е среќа, сепак изработивме и заслуживме. Македонија нема одиграно 3 потешки натпревари во серија од своето осамостојување. Притисокот преголем, во кој рацете се некогаш тешки, а видикот се стеснува, а нозете како да не сакаат да се помрднат. Оние кои немаат играно не знаат како е кога чука пулсот, а во исто време се поместува и видикот, каде ти пробуваш да останеш фокусиран бидејќи на дресот го носиш грбот на својата држава.
Последен меч, а го одигравме во најголем грч, но заврши и готово е сега одиме понатака.
Драго ми е за вас наши 16 лавови, вие ова го заслуживте. Но, тука не треба да ги заборавиме и нашите играчи кои не отпатуваа за Полска, а сепак беа со овој проект некогаш и некаде и повторно ќе бидат, сите вие заедно имате голема заслуга. Некогаш треба и без некаква игра да се дојде до поволен резултат и тоа се случи. Доволно за реми, во кое играта и не беше така сјајна и одеше се тешко, но на крај ние се радувавме.
Но, сега сакам да ги прашам сите оние што денеска го плукаат Борк,о пред некој ден Филип, Деки, Кире и сите останати, да ги прашам како се дрзнуваат да навредат некого од овие 16 луѓе кој напишале една историја. Пола од вас “плукачи” се топите на спиновите на Дибиров, а Деки?? Па денеска Деки го побудале Станиќ и му даде два голови со спин. На тој Станиќ кој вие го подигнавте до небо како несовладлив. Да драги мои го подигнавте психички и му го направивте денот, а плукавте по Борко како да му шутираат деца од второ одделение, а Станиќ цело првенство до пред овој меч имаше одбрани колку Борко во едно полувреме. Ете сега како-така поминавме и не само што поминавме, сега и ќе победуваме.
А на оние кои не се среќни со овој нерешен исход и пласманот понатака, нека погледнат уште еднаш со кој игравме во нашата група (Франција, Полска и Србија). Прво проверете колку жители имаат овие држави во споредба со нас, колку регистрирани ракометари и трето кој светски ракометни веле сили се овие држави, а ние 2 милиони и 5-ти во Европа и се дрзнуваме да плукаме, е мои МАКЕДОНЧИЊА. Кога сте толкави стратези ставете се во нивната кожа и размислете како е да си пред 15.000 публика, колкав е психичкиот момент и факторот исцрпеност. Па ако не беа овие момци и оние пред нив, светот немаше да знае каде сме и кои сме на ракометната карта.
Затоа опаметете се сите и дадете потполна подршка и прекинете да селекторувате, зошто тие момци даваат се од себе и последно нешто што заслужуваат е плукање. Дајте барем еднаш да се обединиме и да видат дека сме со нив и после овие психички исцрпувачки натпревари да им дадеме елан повторно да се вратат и бомбардираат.
Ве замолувам дадете им ја целата подршка, зошто не сте свесни колку направиле за оваа наша Македонија.
Бидете сплотени, доаѓаат три огромни мечеви.
Нека видат овие момци дека нацијата е со нив и тие се нашата вистинска гордост, потсетете ги вие, за да во моментите како денеска се сетат за кого се тамо и за кого се борат.
Верувајте ќе им биде многу полесно!
Автор на текстот: Томислав Угриновски