Ракометарките на ЖРК Вардар дојдоа до својата четврта победа откако вечерва славеа на гостински терен кај екипата на Савехоф со 26:29 (14:14). Со овој натпревар заврши групната фаза, а екипата на Вардар со оваа победа го осигура третото место на табелата и со тоа добива полесен противник од другата група во наредната рунда.
Вардарки овој натпревар го почнаа лошо, а играта нималку не наликуваше на онаа од претходниот одличен натпревар против Будуќност во Скопје, како и на онаа на натпреварот со Савехоф во Скопје, каде што славеа со 37:25. Ракометарките на Савехоф имаа одлично водство од 10:4, но не успеаа да го задржат водството и дозволија на крајот на првото полувреме да биде изедначен резултатот 14:14.
Веќе во второто полувреме, играта на Вардар се промени и на стартот по 5 минути игра дојдоа до позитива од 2 гола, 15:17. Иако Савехоф на неколку наврати имаше шанса да дојде до -1, сепак не успеваше да ја искористи шансата. Во самиот финиш на натпреварот Вардар погоди 2 пати и успеа да ги постави конечните 26:29.
Најефикасни на овој натпревар беа Сокач со 7 голови и Лазовиќ со 5 голови од Вардар, додека од Савехоф Луис Санд беше најдобар поединец со 6 голови, а Ериксон и Андеарсен постигнаа по 5 голови.