Немања Прибак Македонија

Немања Пибак роден на 26 март 1984 година во Белград.

Својата кариера ја започнува во 2003 година, во тогашен Југочетал Железничар и тамо останува три сезони до 2006 година. Одличните настапи ги следи менаџерскиот тим на Р.К Тримо Требење и во сезоната 2006/07 преминува во таборот на Словенците. Но таа словенска екскурзија кратко траеше и веќе во наредната 2007/08 Прибак потпишува договор со Вардар ПРО, каде за прв пат доаѓа во контакт со нашата ракометна сцена и нашата публика. Во Вардар останува две сезони до 2009, за потоа да замине прво за Р.К Колубара, а потоа и за францускиот прволигаш Нант.

После три минати сезони надвор од Македонија, повторно се враќа во Вардар каде станува огромен миленик на публиката, а воедно во 2013 година добива шанса да заигра за нашиот национален тим и ги брани боите на Македонија.

Познат е по својата искреност и својата љубов кон Вардар, но и по онаа пожртвувана борба за националниот дрес каде не се штеди ни една секунда и затоа како голем миленик на нашата публика решивме да му поставиме неколку прашања.

Како е животот таму, споредливо со животот во Македонија? Каде се осеќаш поубаво Македонија или Турција?

Животот е убав секаде доколку го организираш убаво и на прав начин. Ова е град каде живеат 17 милиони луѓе, но сепак добра организација во животот и нема никаква пречка. Живеам во многу мирен дел, каде се ми е на дофат од градинка за детето, до трговски центри, ресторани. Босфорот ми е на 5 минути пешки, за моето уживање допринесува и одличната клима и душата на градот кој има попримено од модерниот свет и онаа традиционална култура, работи кои создаваат една многу пријатна атмосфера за живеење. Најдолго време минувам во кола кога одам на тренинг. Се возам од 30 до 60 минути, но затоа фамилијата ми живее мирно.
Скопје е градот кој го сакам, град во кој би можел да живеам без проблеми, едноставно град кој може да ви пружи се за еден нормален и убав живот.

Оваа сезона одлично играш, доказ за тоа се многубројните одлични прикажани партии, со кои укажува дека брзо се прилагоди во новата средина. Каква е атмосферата во тимот? Кои се целите на Бешикташ?

На секоја утакмица го давам и последниот атом од своето тело и се вложувам максимално. А кога станува збор за клубот моментално спаѓаме помеѓу оние најатрактивни европски клубови, затоа што немаме своја сала, немаме голема посетеност во Лигата на шампионите, а ракометот е на еден почеток каде очајнички се бори со кошарката, за фудбалот да не зборувам. Но во иднина сето тоа ќе се промени, убеден сум во тоа затоа што имаат проект за прекрасна сала во која ракометот ќе се подигне на едно многу поголемо ниво.

Доколку ти биде понудено за да играш за Македонски клуб, дали би прифатил и би се вратил во Македонија?

За Македонски клуб реално е тешко остварливо, бидејќи единствен клуб за кого играв и за кого сакав да играм беше Вардар и не се гледам себеси во некој друг проект, барем сега за сега. Но никогаш, не кажувај никогаш!:-)

Завршивме на 11-то место на ЕП во Полска, можевме ли подобро? Ако можеше да смениш нешто на самото првенство, што би сменил?

11 – место не е успех и тука нема ништо што да се кажува и не смее никој да каже такво нешто. Мислам дека требаше да направиме многу повеќе, а најмалце да ги победиме Белорусија и Норвешка. Во утакмиците со Полска и Норвешка покажавме дека имаме квалитет за многу повеќе, сеуште размислувам зошто … штета!

Мислење за квалификационата група за Рио?

Имаме квалификации за Рио, олимпијада е сон на секој спортист во било кој спорт. Шансата е огромна затоа што сме во добра група, добра мислам на противниците. Полска игра дома и е фаворит, Тунис е силна репрезентација, но после турболенциите во последниов период, не знам како се ќе се рефлектира на националниот тим, но секако дека не е на она ниво на подобрите екипи од Европа. Мислам дека среќата малце ни се насмевна и треба да го искористиме тоа.

Омилено јадење во Турција и во Македонија?

Омилено јадење ми е риба на милион начини. Турците имаат во секо време свежа риба, а и врвни мајстори и ресторани за тоа. Македонската кујна е феноменална и јас секогаш уживам во македонските јадења. Не можам да одвојам нешто како омилено, но со сигурност охридската пастрмка добро спремена е неодолива.

Најдобар цимер од репезентација и дали хрчи кога спие?

Цимер сум со Наумче Мојсовски. Човек кој го познавам долго, со кого играв заедно, а воедно се дружевме и приватно. Спие како пиле, ни хрчи ни ништо. :-)

Дали се гледаш себеси како тренер во иднина?

Да се гледам себеси како тренер во иднина и тоа ми е една од можностите, но рано е уште да размислувам на сето тоа.

И за крај што би им посакал на младите кои почнуваат со тренирање?

Да се бават со спорт и да учат школо. Спортот е убав, но се тоа е пролазно и непредвидливо. Од 100 деца кои на 12 години започнуваат да се бават со некој спорт, дали неколку ќе успеат од тоа живеат и егзистираат. Многу е поубаво да им се каже вистината на родителите и на децата, да се свесни за сето тоа да биде од срце. Ние кои сме го поминале тоа, мораме да сме паметни и да им ги дадеме најубавите и најкорисните совети. Тоа е најбитното, да децата се формираат како личности и да бидат свесни дека патот до врвот е трнлив, но погледот одозгора е најубав!

А ние како редакција на Немања му посакуваме уште многу голови во кариерата и конечно остварување на оној сон Олимпијада, а за тренерската работа нека почека уште десетина година.

Автор: Томислав Угриновски