Ракометарите на Вардар вечерва во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите ја потценија екипата на Висла Плок. Се враќаат во Скопје со резултат 30-30, но со оглед на многубројните пресврти и водството од 4 гола што го имаше на само 5 минути до крајот, вардарци можат само да жалат.
Но, без разлика на овој резултат, јасно е дека ова реми на екипата на Вардар и ги отвара шансите да го поминат полскиот вицепрвак и трета година по ред да се најдат меѓу најдобрите осум европски клубови. Квалитетот е на страната на Вардар, но „црвено-црните“ ќе треба посериозно да си ја сфатат работата и веќе на реваншот во Скопје да ја покажат вистинската сила и да ја израдуваат македонската публика.
Најефикасни на натпреварот беа Карачиќ со 6 и Циндриќ со 5 погодоци, додека кај домаќините најефикасен беше Тиаго Роча со 7 постигнати погодоци.
Реванш натпреварот меѓу Вардар и Висла ќе се игра на 26 март во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.