Монпеље 34-34 Вардар. Ракометарите на македонскиот претставник, во неизвесен и возбудлив натпревар, успеаа да останат непоразени, и со исклучително значаен бод да се вратат од тешкото гостување во Франција. Иако, рака на срце, Вардар беше многу блиску до првиот пораз годинава.
Како што се очекуваше и пред натпреварот, гледавме исклучително брз и модерен ракомет, од страна на двете екипи.
Монпеље го диктираше темпото и го контролираше резултатот во текот на целиот меч. Извонреден беше Французинот Гребил, кој го покажа сиот свој раскошен талент, со 11 постигнати голови. Покрај него, кај Французите се истакнаа и Гајиќ со 7 и Словенецот Доленц со 5 постигнати голови.
Но Вардар уште еднаш покажа зошто е со високи амбиции годинава. Не се откажа ни на -4 во 50-та минута од натпреварот. Покажа карактер, играчите беа најконцентрирани кога беше најпотребно и останаа непоразени.
И на овој меч, Вардар прикажа допадлива игра во нападот. Многу комбинаторика, што се потврдува и со бројот на различни стрелци, дури 9 ракометари на Вардар се запишаа во листата на стрелците. Предводници беа Тимур Дибиров со 9 и веројатно најдобриот играч вчера, Игор Карачиќ, кој постигна 7 голови.
Во одбраната Вардар сепак не покажа игра како на минатите мечеви. Французите релативно лесно доаѓаа до шанса за гол. Дополнително, Абутовиќ и Горбок добија директни црвени картони, што значи дека нема да можат да настапуваат за Вардар на дерби мечот од следното коло со екипата на Веспрем. Сепак, кога беше најпотребно, Вардар предводен од Штербик на голот, направија непробоен бедем и се вратија во натпреварот.
По четири одиграни кола, Вардар е само една од шесте непоразени екипи во Лигата на шампиони. Успехот е уште поголем, ако се има во предвид дека Вардар е во најверојатно најсилната група во овогодинешното натпреварување.
Следува 4-неделна пауза од натпреварите во Лигата на шампионите. Имајќи во предвид дека во тој период е и неделата на ЕХФ, кога играчите се со своите репрезентации, за Вардар најважно е сите репрезентативци да се вратат здрави и без повреди, пред дуелите со Веспрем, клучни во борбата за првите 2 места во групата.