Четврто коло и нов пораз за екипата на Металург во Лигата на шампионите. И, ако во минатите 3 рунди Металург беше во игра до речиси самиот крај, овој пат поразот се наѕираше уште по 10 одиграни минути. Кил беше пресилен. Вистинска машина, која буквално го мелеше противникот 60 минути. И на +5, и на +10, и на +15, Кил играше како секој нареден напад да е клучен за победникот на дуелот. „Докторат по ракомет“, изјави Ванчо Димовски за играта на Кил на саботниот меч. И тоа навистина е најдобар опис за она што го гледавме на теренот во СЦ „Борис Трајковски“. Дувњак и Кањелас го предводеа тимот на Кил и беа клучни играчи во градењето на огромната предност уште во првото полувреме. Голеадата ја продолжи Вујин во вториот дел. Овие тројца играчи мечот го завршија со вкупно 22 гола. Дувњак со 8, Кањелас со 7 и Вујин со 7 гола беа најпрецизни кај гостите.

Од друга страна, Металург ја покажа најлошата игра сезонава. Делуваше како второкласен тим. Без идеа во напад, без концепт на игра во одбрана. Немаше цврстина, немаше навремено враќање од напад во одбрана, немаше правовремени измени. Впрочем, и 42-та примени гола, од кои неверојатни 22 од контранапади по грешка на нашите играчи, даваат јасна слика за играта на Металург во саботата во Скопје. Единствено Ванчо Димовски покажа срце и умешност да се носи со противничките играчи. На крајот, мечот го заврши со 6 постигнати погодоци, и е единствениот играч кој заслужува преодна оценка.

Едномесечната паузата и тоа како добро ќе им дојде на ракометарите на Металург. Време кое мора да го искористат за да ја кренат играта на едно сосема ново ниво. Бидејќи, да бидеме реални, ова се истите ракометари од минатата сезона и тешко дека сите тие ракометари заборавиле да играат ракомет. Дополнително, ланскиот тим е надополнет со нова генерација на играчи, селектирани од самиот Червар. И кога зборуваме за млади играчи и за подмладувањето на екипата, тоа мора да го видиме и на терен. Тогаш барем да се знае дека поразите се во функција на создавање на тим за наредната сезона. Вака, нејасно е кои се очекувањата на екипата…

Сепак, колку и да изгледа црна ситуацијата после 4 одиграни кола, сезоната сеуште не е загубена. Металург мора да брка две победи во двомечот со шпанскиот вице-првак Натурхаус Ла Риоха, на 16 i 22.11.2014. Со евентуални две победи, Металург повторно ќе се врати во игра за 1/8 финалето. Но, со ваква игра, Металург не го очекува ништо друго, освен нови, убедливи порази. Лино Червар пред себе има полни раце работа. Да се надеваме дека ќе успее да ја врати екипата во правиот колосек.

Металург 27–42 Кил

Металург: Митревски (2 одбрани), Коциќ (6 одбрани), Ојлески 1/1, Димовски 6/6, Вугринец 5/8, Георгиевски 2/3, Манасков 1/2, Миркуловски 2/3, В. Маркоски, Мојсоски 3/5, Атман 4/6, Циндриќ 2/4, Јоновски, Марсениќ 1/2, Борозан 0/1, Ѓукиќ 0/1.

Кил: Сјестранд (6+1 одбрани), Соне-Хансен (1 одбрана), Дувњак 8/9, Тофт Хансен 0/2, Спренгер 1/2, Вајнхолд 3/5, Винцек 4/5, Екберг 5/6, Кањелјас 7/8, Дамке 1/3, Клајн 6/6, Вуин 7/11.