ЖРК Вардар трета сезона по ред ќе биде дел од ракометниот Финал 4 турнир. Точно е дека следи реванш натпревар, но по победата од 34-20, Вардар веќе е практично на завршниот турнир. Реваншот за 7 дена ќе биде чиста формалност.
Вардар одигра навистина одлично, веројатно најдобро сезонава. Мечот го реши веќе во првите 15 минути. По почетните 2-1 за Вардар, следи серија од 10-0 за неверојатни 12-1, по што беше извесно дека Вардар ќе забележи висок триумф.
При крајот на полувремето Ларвик малку ја подобри играта и на пауза се замина со висока предност за домаќинот, 16-9.
Во второто полувреме, Вардар продолжи со добрата игра. Го контролираше резултатот, а кога требаше го подигаше темпото на играта и го дотолчуваше противникот. Конечните 34-20 зборуваат за доминацијата на Вардар на овој меч.
Целиот тим на Вардар одигра одлично, за што покрај самите играчи, несомнена заслуга има и тренерскиот двоец Кастратовиќ – Дејвис. Играта, и во одбрана и во напад, беше одлично поставена. Во одбрана, Нора Морк беше целосно затворена, а за тоа најголема заслуга има феноменалната Дембеле, која одлично одигра во тој дел од теренот. Втор значаен фактор за триумфот беше феноменалната Лејно. Француската репрезентативка целосно „ги затвори ролетните“ и буквално ги откажа своите противнички.
И во нападот Вардар беше безмилосен. 10 различни стрелци кај Вардар, предводени од бековската линија Пенезиќ – Лекиќ – Лазовиќ, кои заедно постигнаа 18 голови (Пенезиќ 8, Лазовиќ 6, Лекиќ 4). Одлична беше и Радичевиќ со 5 постигнати голови.
Реванш натпреварот, на кој Вардар само ќе го завери пласманот на завршниот турнир, ќе се одигра на 10.04.2016.