Ракометот, со години единствениот колективен спорт кој постојано е во врвот на светскиот крем, викендов треба да ја достигне својата кулминација. Три меча ја делат гордоста на Македонија, ракометната репрезентација, до најголемиот успех на било која екипа во историјата на нашата држава – пласман на Олимписките игри.

Турнирот во Гдањск за нашата селекција почнува со најтешкиот можен противник, домаќинот Полска.
По разочарувачкиот настап пред своја публика на ЕП на почетокот на годинава, Полска ќе се обиде да ја искористи предноста на домашен терен, да ги збие редовите и да се пласира на шампионатот. Предводени од новиот селектор Душебаев, Пољаците со победа сакаат да ги стартуваат квалификациите, и веќе по првиот натпреварувачки ден да се многу поблиску до едно од првите 2 места.

Но истите цели ги има и Македонија. Нашата репрезентација предводена од Кире Лазаров со години зборува за овој момент. Веднаш откако ја пропуштија шансата на минатите квалификации пред 4 години, Кире и соиграчите рекоа дека можат да одат во Рио. Дека пласман на Олимпијадата останува врвна цел. Иако многумина тогаш со скепса гледаа на оваа изјава на Лазаров, нашите репрезентативци покажаа дека можат да се носат со најсилните, и повторно дојдоа до шанса да настапуваат на ОИ, најголемиот сон на секој спортист.

И затоа, денеска против Полска, во сабота против Тунис, и во недела против аутсајдерот Чиле, Македонија оди по резултат кој ќе ја однесе до Рио. Целата јавност безрезервно ја подржува нашата селекција и посакува резултат кој ќе ја израдува.

Мечот со Полска е со почеток во 20:30 часот во ЕРГО Арената во Гдањск, со директен пренос на МРТ1.