Младинската репрезентација на Македонија на квалификацискиот турнир што се одржа изминатиот викенд во Шафхаузен успеа да обезбеди учество на ЕП во Данска што ќе се одржи ова лето. Иако на стартот на овие квалификации, нашата младинска репрезентација беше поразена од домаќинот Швајцарија, сепак овие квалификации ги заврши успешно. Со двете победи, едната над репрезентацијата на Фарски Острови и другата над репрезентацијата на Црна Гора, Македонија се најде на едно од двете места кои носат учество на ЕП во Данска.
Вечерва ќе бидат извлечени противниците на нашата репрезентација, а нашата репрезентација се наоѓа во последниот шешир заради лошиот пласман на последното ЕП.
Тимот на МакРакомет, имаше можност да поразговара со еден од нашите млади репрезентативци, Андреј Маркудов кој накратко ни ги изнесе своите впечатоци за постигнатиот успех, како и своите прогнози и очекувања во врска со денешната ждрепка.
,, Сите 3 натпревари ги одигравме максимално борбено и тимски. Сметам дека сосема заслужено обезбедивме настап на ЕП во Данска што ќе се одржи ова лето. Што се однесува до ждрепката, сметам дека заслужуваме да бидеме во друг шешир ама сепак тоа е што е. Наше е да се сконцентрираме, да бидеме свои. Имаме добра и квалитетна репрезентација, па токму затоа и оваа ждрепка не треба да не плаши. Секако во првиот шешир се наоѓаат репрезентации кои се фаворити, но сметам дека можеме да се носиме со сите репрезентации. Доколку би бирал, би одбрал да бидеме во група со репрезентациите на Србија, Исланд и Шпанија.“ – изјави Маркудов.