Денес во салата во Автокоманда ќе се одиграат два полуфинални натпревари од Купот на Македонија. Најнапред во првиот натпревар кој започнува во 14 часот ќе се сретнат екипите на ЖРК Металург и ЖРК Вардар Јуниор. Екипите на Металург, Вардар, Вардар Јуниор и Куманово се полуфиналистите на овогодинешното издание на Купот на Македонија, а ждребката одлучи екипите на Металург и Вардар Јуниор да се сретнат во полуфиналето.
Овој натпревар е од големо значење и за двете екипи, затоа што во овој вид на натпреварување ќе се одигра само еден натпревар. Победникот од овој натпревар ќе игра во големото финале и ќе се соочи со победникот од натпреварот помеѓу екипите на Вардар и Куманово.
Натпреварот помеѓу екипите на ЖРК Металург и ЖРК Вардар Јуниор е закажан со почеток во 14 часот, а правдата на овој натпревар ќе ја дели судиската двојка од Скопје, Дејан и Димитар Георгиеви. Влезот на овој натпревар за сите љубители на ракометот е слободен.
Вториот полуфинален натпревар ќе се одигра исто така денес, со почеток во 16:15 минути во кој ќе се сретнат екипите на Вардар и Куманово. Судии на овој натпревар се Војо Христовски и Бобан Мајнов од Скопје. Како и за претходниот натпревар, така и за овој влезот за сите заинтересирани и љубители на ракометот е слободен.
Големото финале е предвидено за утре со почеток во 17:30 часот во спортската сала во Автокоманда. Полуфиналните натпревари можете да ги следите директно на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија, додека финалната средба ќе биде пренесувана на МРТ1.