Екипата на РК Охрид оваа година ја има честа да биде домаќин на завршницата на Купот на Македонија. Денес стартуваат полуфиналните натпревари, а во нив во првиот натпревар ќе се сретнат екипите на Металург и Вардар Јуниор, додека во вториот оној најзначаен за домашната публика ќе се сретнат екипите на Охрид и Вардар. Екипата на Охрид има тешка задача во полуфиналниот натпревар со оглед на тоа дека ќе се сретне со екипата на Вардар.

Тимот на МакРакомет имаше можност да поразговара со пивотот на РК Охрид, Елдин Вражалица кој ги изнесе своите очекувања токму за овој натпревар и го изјави следното:

,, Морам да потенцирам дека е голема честа да се биде дел од завршницата на Купот на Македонија. Искрено, не очекувам некое големо изненадување, на сите нам ни е добро познато дека екипата на Вардар е апсолутен фаворит, а според мене тоа е екипа која е помеѓу 4-те најдобри во Европа. Веќе два пати игравме со екипата на Вардар во последните 15 дена, така што добро ги познаваме, но и тие нас. Наша предност е тоа што играме на домашен терен, градот Охрид е град на ракометот, а публиката овде знае да препознае добар ракомет. Нашата сала е една од оние која е исполнета до последното место кога екипата на Охрид игра. Најважно е што покажавме дека можеме да играме и да се надигруваме. Имаме мал проблем со повредени играчи, но како што велат топката е округла и сешто може да се случи. Сепак се тоа 60 минути игра и нема простор за поправка.“ – истакна Вражалица.

Големото финале е закажано за утре со почеток во 17:30 часот со директен пренос на МРТ1.