Ракометарките на ЖРК Металург денес на домашен терен забележаа нова победа, овој пат убедлива против екипата на ЖРК Пелистер 37:15 (18:10) Почетно водство имаше домашната екипа, која го отвори натпреварот 1:0. Гостинската екипа не успеа да постигне гол во воведните минути, а сето тоа одлично го искористи екипата на Металург и успеа да поведе со 4:0. Уште на самиот старт, Металург со одлична игра успеа да дојде до сигурно водство, со што веќе по истекот на првите 30 минути победникот на овој дуел беше јасен.

Во второто полувреме, Металург заигра уште подобро, а противникот успеа да постигне за 30 минути само 5 голови. Тренерот на Металург, Александар Петровски реши на овој натпревар да ги поштеди Антиќ, Ливриниќ, Јовановска и Саздовска, но и без нив Металург дојде до убедлива победа. Одлични на овој натпревар беа крилата на Металург, Елена Петковска и Пена Граматова кои заедно постигнаа 21 гол. Елена Петковска беше најефикасна ракометарка на овој натпревар со 11 постигнати голови, како и Пена Граматова која даде 10 голови. Од екипата на Пелистер најефикасни беа Трпковска со 7 и Секулова со 6 голови. Ракометарките на Металург во среда на гостински терен го играат решавачкиот натпревар против екипата на Вардар Јуниор, кој директно решава за второто место на табелата и со кој остануваат во трка за првото место заедно со екипата на ЖРК Вардар.

ЖРК Металург – ЖРК Пелистер 37:15 (18:10)

ЖРК Металург: Антиќ, Серафимова, Дурланова, Каранфиловска 1, Цаневска 3, Дабевска 6, Белеска 6, Стојковска, Јовановска, Николиќ, Саздовска, Граматова 10, Ливриниќ и Петковска 11.

ЖРК Пелистер: Митоска, Трпковска 7, Секуловска 6, Трајковска, Апостоловска 1, Илиевска 1, Раиф и Милосављевиќ.