Со баражот Македонија – Чешка, и дефинитивно дојде крајот на една одлична генерација на македонскиот ракомет. Точно, во репрезентацијата и понатаму, барем во најблиската иднина, ќе ги гледаме Лазаров, Јоноски, Велко Марковски, Борко Ристовски, Прибак, но факт е дека конечно почнува смената на генерации во репрезентацијата. Со заминувањето на Мојсовски и Миркуловски, веќе на терен нема да ја гледаме бековската линија која на своите плеќи ги износе речиси сите мечеви на репрезентацијата во изминатава деценија.

Сега следи тешката задача, за чие решавање одговорен ќе биде новиот селектор Лино Червар. По првичниот пораз, Червар успеа да ја мотивира репрезентацијата, постави одлична одбрана за реваншот во Скопје, и со помош на публиката и извонредно пожртвуваните репрезентативци, успешно ја оствари целта – пласман на СП во Франција. Сега следи потешкиот дел од задачата – внесување на нови играчи во репрезентацијата на Македонија и продолжување, а и надминување, на досегашните резултати на репрезентацијата.

Ако се обидеме, објективно да го погледнеме ростерот на репрезентацијата, Червар е во потрага на 5-6 нови играчи за во репрезентацијата.

Најголем предизвик е бековската линија. Македонија во моментов е практично со двајца квалитетни бекови – Немања Прибак и Кирил Лазаров. Тука се и Филип Лазаров, чиј придонес во репрезентацијата најдиректно ќе зависи од неговиот иден трансфер, знаејќи дека го напушти Вардар. Доколку најде добар ангажман, и доколку е стандарден, Филип ќе може да помогне во наредните квалификации. И на крај тука е Митков, за кого е сосем нејасно дали е во плановите на Червар, имајќи ги во предвид неговите години и фактот дека треба да се мисли на моментот – што со десен бек по повлекувањето на Лазаров, кога и да е тоа. Значи, сосем е јасно дека новиот селектор ќе треба да селектира 4-5 бекови кои ќе бидат носители на играта во наредните 10 години.

Покрај бековите, Червар треба да најде второ десно крило, кое ќе може да го одмара Георгиевски, но уште поважно да го реши евидентниот проблем на позиција пивот и голман. Објективно, имаме само еден пивот – Стојанче Стоилов, што е неприфатливо. Червар мора да има на располагање 3 квалитетни пивоти, за да може два од нив да се во составот во секое време. За крај ја оставивме голманската позиција, која се чини е најделикатна од многу аспекти, но најмногу од фактот дека во последно време нашите голмани апсолутно не го даваат потребниот придонес во играта. Ристовски несомнено е прв избор (трансферот во Барселона е потврда за неговиот квалитет), но тој како да не е истиот во репрезентацијата. И, независно од тоа што игра во Барселона, ако продолжи вака, неговото место во репрезентацијата не е загарантирано. Покрај Борко, прашањето за уште два голмани е целосно отворено.

Од каде Червар ќе „бара“ играчи? Логично е тоа да е младинската репрезентација. Таму веќе се познатите Талевски и Кузмановски, кои иако и до сега беа А репрезентативци, главно беа на клупата. Но таму се и Крстевски, Велковски, Таневски, Палевски, Јагуриновски. Мартин Томовски и неколку други ракометари, кои ќе треба да му се наметнат на селекторот. Извонредна шанса за тоа е настапот на јуниорското европско првенство, каде точно ќе може да се види потенцијалот на овие момци. Тука се и неколку други ракометари, некоја генерација постари од младинците, како Костевски, Пешевски, Дрогришки и слично, кои секако селекторот ги има во предвид. А сигурни сме дека селекторот има во предвид и некои други играчи (дел веќе ги имаше на проширениот список пред дуелот со Чешка), кои би се вклопиле во неговата визија.

Но, не е само моментот на внесување на нови играчи, како голем предизвик на новиот селектор. Червар знае дека мора многу да работи на одново создавање на тимски, репрезентативен дух, во кој сите, ама апсолутно сите, се еднакви и настапуваат за иста цел – Македонија да постигне што подобар резултат. А веруваме дека искусниот стручњак ќе знае како да ги доведе работите во ред.

Времето е кратко. Следува летната пауза, а веќе на есен Македонија ги стартува квалификациите за ЕП во Хрватска, со два тешки дуели – Чешка гладна за одмазда гостува во Скопје, и потоа Македонија гостува на Исланд. Затоа со работа мора да се почне веднаш.