Металург немаше многу среќа и се падна во групата Ц, која е исклучително тешка и непредвидлива. Во нашата група се екипи кои имаат голема традиција на играње во Лигата на шампионите, како Монпелје и Чеховски Медведи, незгодната Ла Риоха, ланскиот противник Елверум, како и силен квалификант, најверојатно Горење Велење или Татран Прешов.
Позитивната работа од тоа што „плаво-белите“ се во оваа група, е тоа што ќе имаат исклучиво силни натпревари за одигрување. Каде ќе можат младите играчи да се надоградуваат и да стекнуваат искуство, воедно и голема шанса да го покажат својот квалитет, зошто и да не изненадат!
Групи:
- Група А: Веспрем, Барселона, ПСЖ, Силкеборг, Висла Плок, Фленсбург, Кадетен Шафхаузен и Кил
- Група Б: Р.Н. Левен, Киелце, Вардар, Загреб, Брест Мешков, Пик Сегед, Цеље и Кристијанштад
- Група Ц: Натурхаус ла Риоха, Металург, Чековски Медведи, Монпелје, Елверум и квалификант 1
- Група Д: Нант, Холстебро, Мотор Запорожје, Бешикташ, Динамо Букурешт и квалификант 2
Еве што изјави Лино Червар, веднаш по извлекувањето:
“Се работи за многу силна група со исклучително сериозни противници. Тука е Монпелје, кој минатата сезона играше во посилните групи, тука е вицешампионот на Шпанија, како и секогаш незгодниот руски претставник Чеховски Медведи, иако тој не е во таа сила од порано. Дел од нашата група најверојатно ќе биде и екипата на Горење, која е исто така противник по мерка. Сепак, и покрај тежината на групата, јас сум оптимист. Имаме млад тим, кој во најтешки услови, со паралелно играње во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата, ќе мора, го сака тоа или не, брзо да созрее и да стекне неверојатно искуство, какво што други го стекнуваат со години. Ова група е одлична за нашите млади момци, а јас очекувам многу од нив“ – изјави Червар.