Најавите на Лино Червар и раководството на Металург дека годинава тимот, како никогаш досега речиси целосно ќе се потпре на македонски ракометари, продолжуваат да се остваруваат.
Официјално, досегашниот ракометар на Пелистер, Стефан Дрогришки, играчката кариера ја продолжува во Металург. Дваесет и двегодишниот лев и среден бек се договори со Металург и 01.08 ќе се јави на подготовките за новата сезона.
“По повеќе години поминати во Пелистер, се чини дојде време да направам чекор напред во мојата ракометна кариера и да ги испробам силите во една друга средина. Најдов заеднички јазик со раководството на Металург со кое во наредниот период ќе потпишам договор. Навистина е голем предизвикот да се игра во Лигата на шампионите, како и во Регионалната лига, а особено задоволство е да бидеш трениран од врвен стручњак, каков што е Лино Червар“ изјави Дрогришки.
Со приклучувањето на Дрогришки (193 см, 93 кг), Металург го обезбеди најталентираното и најквалитетното што може да го понуди македонскиот ракомет на позицијата лев и среден бек. Талевски, Кузмановски, Крстевски, Нелоски, Димитриевски и сега Дрогришки сезонава ќе имаат значајна минутажа во Металург и шанса да се наметнат и за во репрезентацијата на Македонија. Тука се и посикусните Обрадовиќ и Печенковски, со што Металург ја затвара екипата на овие две позиции. Се чини дека останува уште да пронајде засилување на позицијата десен бек, очигледно од странство, и веројатно пивот, со што тимот на Металург ќе се комплетира.