По одличните настапи во дресот на „плаво-белите“ и во јуниорската/сениорската репрезентација, денес РК Металург го промовираше Филип Талески во нов капитен на Металург.
Како што пренесува Металург, со ова 20-годишниот Талески станува еден од најмладите капитени во клупската историја. Ракометар кој се очекува во иднина да биде и еден од најсилните адути на составот предводен од Лино Червар.
„Ова е огромна чест за еден млад ракометар. Да бидеш капитен во клуб каков што е Металург и да ја извршуваш должноста што пред тебе ја имаа клупските легенди Филип Миркуловски, Ванчо Димовски и Наумче Мојсовски, е сериозна задача која бара максимално залагање, внимание и енергија. Се надевам дека имам капацитет да бидам капитен на клубот во кој ја минувам својата досегашна кариера“ – изјави Талески за официјалниот сајт на РК Металург.
Талески со своите 20 години веќе има тригодишно искуство во Лигата на шампионите, каде дебитираше во 2014 година, на гостувањето кај големиот Кил, кому му даде 3 гола. Левиот бек веќе дебитираше за сениорската репрезентација на Македонија, а вчера на првиот контролен натпревар во пресрет на новата сезона, во победата на Стеауа беше прв стрелец со 7 погодоци.
МакРакомет му посакува многу успех во новата сезона, како на клупски така и на репрезентативно ниво!
Среќно!