По завршетокот на подготовките во Словенија во Tерме Зрече, ракометарките на ЖРК Вардар утре и задутре ќе ги играат своите први официјални натпревари на турнирот „Винко Кандија” во Љубљана.
Турнир на кој ќе настапат домаќинот Крим Меркатор, Хипо и Подравка. ЖРК Вардар нема да биде комплетен поради отсуството на ракометарките кои се со своите репрезентации на ОИ во Рио, но сепак ова ќе биде добра контрола за нивната игра, особено во одбраната како што изјави Кастратовиќ.
„Во Терме Зрче имавме одлични услови за подготовка, и се ни беше подредено за добра работа. Она што беше планирано го изработивме. Сега почнуваме со натпревари. Нема да бидеме комплетни, и главниот фокус ќе ни биде на играта во одбрана. Не очекуваме многу, но сега треба и овие што се тука да почнат со натпревари, зашто играчите од Бразил ќе се вратат во полна играчка форма, и по враќањето во Скопје да можеме сите да тргнеме во темпирање на формата“ – изјави Кастратовиќ.
Истовремено во Брест, после двете победи во пријателските натпревари против Горење, ракометарите на РК Вардар ќе учествуваат на меѓународниот турнир „Белгазпромбанк“. Турнир на кој ќе учестуваат екипите на Висла од Полска, Сесон од Франција и домаќинот Мешков Брест.
РК Вардар нема да биде комплетен на овој турнир, поради повреди (Мијајло Марсениќ и Александр Деревен), додека Игор Карачиќ, Иван Чупиќ и Лука Циндриќ поради учеството на ОИ во Рио.
- Сесон – Вардар (петок, 15:00 часот)
- Вардар – Висла (сабота, 13:00 часот)
- Мешков Брест – Вардар (недела, 11:00 часот)
*Овој традиционален турнир четири пати го има освоено Мешков Брест, додека по еднаш го имаат освоено Данкерк, Висла, Вардар и Мотор Запорожје.