Извонредниот старт на сезоната на Вардар и 6-те врзани победи во СЕХА лигата и ЛШ му ја даваат на Вардар со право улогата фаворит во денешниот дуел од второто коло од Лигата на Шампионите. Противник е одличната екипа на Брест Мешков, која е единствената екипа во досегашниот дел од сезоната која успеа да остане непоразена во дуелите со Вардар – 34:34 во првото коло од СЕХА лигата.
Брест Мешков сезонава направи респектабилен тим. Има широк ростер, неколку извонредни поединци, и со полно право доби шанса да се натпреварува во поквалитетниот дел од ЛШ. Својот квалитет, Белорускиот тим го покажува и низ настапите во СЕХА лигата, каде во моментов е на второто место, веднаш зад Вардар, со 3 победи и по еден пораз и нерешен резултат. Во составот на Мешков се истакнуваат неколку играчи. Пивотот Стојковиќ и годинава е на ниво. До сега е најдобар стрелец за Мешков во СЕХА (33 голови) и е постојана опасност. Но, Стојковиќ, како и секој друг пивот, е убоит само ако има добра бековска линија, а Мешков го има токму тоа. Атман, Џамаили, Криштофанс, Шилович и останатите, му даваат добар избор тренерот на Брест во креирањето на тактиката за секој противник.
Вардар сепак е јасен фаворит. Неколку мечеви по ред игра извонредно, а сеуште сме на почетокот на сезоната, и Вардар допрва треба да ја достигне највисоката форма. Денешниот дуел со белорускиот првак само треба да потврди дека Вардар годинава, конечно, е подготвен за најголем успех во македонската ракометна историја.
Мечот е во „Јане Сандански“, со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ 1.