Ракометарите на Вардар денеска од 17:30 часот ќе играат против унгарскиот вицепрвак, Пик Сегед во рамките од 4-то коло од Лигата на шампионите. Натпревар за кој Гонзалез и неговите избраници се максимално подготвени за вистинскиот тест, кој ќе покаже до каде е формата на „црвено-црните“.
Екипата на Пик Сегед оваа сезона донесе нови засилувања во својата екипа, по што вкупно за унгарскиот тим играат дури 13 интернационалци (два помалку од Вардар). Во својата екипа ги доведоа искусниот хрватски бек Денис Бунтиќ, левиот бек Горбок (кој поради повреда нема да игра на денешниот натпревар), одличниот хрватски голман Марин Шего, средниот словенечки бек Стас Скубе, како и опасното шведско лево крило Јонас Калман. Составот предводен од Хуан Карлос Пастор е искусен и квалитетен, по што се очекува тежок натпревар.
Овие две екипи лани играа два пати во ЛШ, каде вардардци победија два пати (27:23, 31:29). Сезонава Вардар е во победничка серија, која ќе сака денес да ја продолжи. Додека гостите во првото коло „кикснаа“ на домашен терен, каде одиграа нерешено со Рајн Некар. За потоа го победат ППД Загреб на гости со 24:26 и на домашен терен да изгубат од шампионот Киелсе 27:29, во натпревар во кој најголем дел од средбата се играше израмнето.
Работи кои укажуваат дека денес ќе имаме можност да гледаме добар натпревар, во кој ќе се надмудруваат двајцата пријатели Гонзалез и Пастор, а воедно и видиме силата на „црвено-црните“.
Раул Гонзалес со зголемен оптимизам гледа на денешниот натпревар:
„Се наоѓавме во добра форма, имаме победничка серија што треба да ја искористиме за самодоверба и итата да ја продолжиме. Знаеме дека нема да биде лесно, Пик Сегед дефинитивно ќе биде тежок противник. Како што споменав и на претходната прес-конференција, ако сакаме да оствариме успех сезонава мораме да победуваме на домашен терен. Сегед игра доста незгоден ракомет, има искусни ракометари во своите редови, но ако ние одиграме добро ќе стигнеме до победата“ – изјави Гонзалес.
Сличен е ставот и на македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов, кој уште еднаш ја потенцираше крајната цел – пласман на Ф4 турнирот во ЛШ.
„Со почит гледаме на екипата на Сегед, станува збор за искусен состав, но ние играме во Скопје, пред нашите верни навивачи и сигурно ќе дадеме се од себе. Одиме на победа на секој меч бидејќи наша цел е да стигнеме до фајналфор завршницата од ЛШ“ – порача капитенот Стоилов.
*Натпреварот ќе се одигра од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“, со директен преност на МРТ.