Денес, со почеток во 17:30, Металург во директен дуел со Ла Риоха решава дали ќе ги задржи шансите за пласман на второто место во групата.
На две кола до крајот, македонскиот вице-првак се наоѓа на третото место, со само бод помалку од шпанскиот клуб и со триумф, Металург ќе биде на чекор до пласман во следната фаза на натпреварувања.
Дали Металург може до изненадување во Шпанија? Апсолутно! Со играта против Елверум и Татран Прешов, како и против Вардар во СЕХА лигата, Металург покажа дека формата е во нагорна линија.

Најголем проблем во моментов е ростерот. Од екипа со 7 леви бекови, по повредите на Неловски, Кузмановски, Младеновиќ и Драгаш, Червар на располагање ги има само Талески, Дрогришки и Обрадовиќ. Тие, заедно со Велковски и Печенковски ќе мора да одиграат над можностите, за да се постигне позитивен резултат.

За успех, Металург ќе мора грешките да ги сведе на минимум, и брзо да се враќа во одбрана, дури и по постигнат гол. Колку почесто Ла Риоха игра позиционен напад, толку се поголеми шансите за Металург да дојде до триумф. И на првиот меч видовме дека Ла Риоха негува брз ракомет, со многу контри и полу-контри, и тоа мора да се спречи.

Колку Лино ќе успее да го изненади својот противник, останува да видиме. Мечот е со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ1.