По вчерашната минимална победа (21:19) над репрезентацијата на Фарски Острови, денеска македонската женска репрезентација ќе игра против репрезентацијата на Австрија.

Во пресрет на натпреварот разговаравме со Зорица Десподовска, која предупредува дека Австрија се добра репрезентација, против која ќе мораат да одиграат агресивно во одбраната, за да постигнат позитивен резултат.

„Во Скопје ја анализиравме Австрија и според мене се добра селекција. Најголема опасност за нас би биле Катрин Енгел и Соња Фреи. Но, на сите позиции се добро покриени и соработуваат многу со пивот. Мораме да одиграме агресивна одбрана за да имаме резултат. Имаат 3 порази на последните пријателси средби со Србија Чешка и Норвешка, но тоа не го занемарува фактот дека се добра екипа. Доволно ги анализиравме и ќе дадеме се од себе да добиеме позитивен резултат.“ – изјави Зорица Десподовска.

Нашите ракометарки ги чека многу тежок и битен натпревар, после кој ќе се знае дали нашата репрезентација ќе обезбеди пласман во бараж фазата за СП 2017 во Германија.

Натпреварот ќе се одигра од 16:00 часот.