По убавата победа над Тунис, Македонија денес го игра единствениот натпревар на ова СП на кој влегува како фаворит. Противник е екипата на Ангола.

Ангола навистина лошо го почна овој шампионат. Во првото коло одигра катастрофално лошо и беше поразена од Словенија со дури 17 голови разлика (42-25). Ангола беше буквално прегазена и прими дури 13 гола од контранапади – а со толкав број на лесни примени голови ниту една репрезентација не може да очекува позитивен резултат. Покрај головите од контранапад, Словенија постигна и 8 голови од 6м и 10 гола од крилните позиции, што покажува дека Ангола немаше решение за брзата игра на Словенците. Во нападот, Ангола најуспешна беше од линијата за 6м., од каде постигна 10 од вкупно 25 гола, а најпрецизен кај африканците беше токму нивниот пивот Тека кој постигна 4 голови.

Но, овој меч не е одраз за вистинска слика на Ангола. Оваа репрезентација го освои на бронзениот медал на последниот Афрички шампионат одржан пред точно 1 година, каде имаше забележителни резултати. Меѓу нив, тука е и тесниот пораз од Тунис со резултат 23-21, што покажува дека Ангола знае да одигра добар меч.

Од друга страна, македонската репрезентација по триумфот над Тунис, мора да одигра цврсто, паметно и приземно и рутинирано да дојде до нови 2 бода со кои ќе бидеме чекор поблиску до 1/8-финалето. Червар најави дека мечот ќе го започне со најсилната постава, надевајќи се дека брзо ќе успее да создаде комотна разлика за во вториот дел од мечот клучните играчи одморат, а помладите добијат шанса за поголема минутажа, како дел од процесот на созревање и добивање на самодоверба за понатамошниот дел од турнирот.

Мечот се игра во 20:45 во салата во Мец, со директен пренос на МРТ1.