Успешниот старт на Македонија на СП во Франција денес треба да биде потврден во мечот со аутсајдерот во групата Б, Ангола. Сепак, искусниот Червар предупредува дека нема да е лесно ако не влеземе во мечот концентрирани и максимално подготвени.
„Не се плашам од Ангола, туку од нас самите со оглед на тоа дека и сами знаете каков е менталитетот на балканските репрезентации. Станав светски првак во Португалија, а изгубив од Аргентина, само затоа што опуштено влегов во натпреварот. Не смееме да си дозволиме такво нешто, мораме да одиграме најдобро што знаеме и да дојдеме до нова победа. Не бркаме гол разлика, најважни се бодовите. Натпреварот ќе го почнеме во најдобрата постава, а ако го направиме она што сакаме, планот ни е да ги ротираме играчите, за да можат лидерите во нашиот состав да добијат одмор. Во секој случај, нема калкулирање бидејќи целта е јасна. Одиме чекор по чекор. Го оставаме Тунис зад нас, одиме по втора победа“, јасен е македонскиот селектор Червар во пресрет на дуелот со Ангола.
Мечот со Ангола се игра денес со почеток во 20:45.