Очите на сите ракометни фанови во Македонија и Словенија, но и на Балканот па и пошироко, денес ќе бидат вперени во дуелот меѓу овие две балкански селекции.

Македонија и Словенија со години негуваат едно спортско ривалство, кое сега со Червар и Вујовиќ на клупата, само добива на уште поголем интензитет. Но, денешниот меч меѓу двете репрезентации е многу повеќе од обичен клупски дуел на Лино и Вујо. Денешниот меч е дуел на две комплетно различни ракометни филозофии.

Словенија предводена од Вујовиќ игра брз ракомет. Тимска игра, без ѕвезди, со брз пренос на топката и многу додавања се додека не се отвори простор за сигурен гол од 6м, било тоа да е од крило, пивот или влез на некој од бековите. Словенечките ракометари практично и да не шутираат од 9м. Дополнително, Словенија инсистира на брза транзиција и гол контра напад, секогаш кога ќе се укаже и најмала шанса.

Сосем спротивно на таа игра, Лино и со Македонија инсистира на толку (о)зборуваниот “ball control” начин на игра. Контра и полуконтра само кога е тоа сигурно и бавен напад се до создавање на шанса.

Играта 7-6 на македонската репрезентација ќе го реши победникот на овој дуел. Полека но сигурно, тоа станува начин на игра на репрезентацијата, а не само фактор на изненадување во одреден дел од натпреварот. Од таму, за мечот со Словенија очекуваме Червар да инсистира на оваа игра 60 минути. Колку ќе биде успешен, зависи од бројот на технички грешки, реализацијата на зицери и брзата измена. Очекуваме, Словенија на оваа игра да одговори со брз центар по секој примен гол, со цел да го натера Червар да отстапи од напад со играч повеќе, кој објективно е тешко да се брани.

Вториот фактор за успех е настапот на голманите. Доколку македонскиот голмански тандем Колев – Трајковски биде поуспешен од словенечкиот Скок, Македонија ќе биде многу поблиску до победата.

Натпреварот е многу значаен за македонската репрезентација. Со победа, не само што и теоретски ќе го обезбедат пласманот во следната рунда, туку и ќе го избегнат 4-то место во групата и ќе добијат полесен противник во 1/8 финалето. Од истите причини, и словенечката репрезентација ќе сака да забележи триумф.

Кој ќе биде поуспешен, останува да видиме денес, со почеток во 17:45,