Ние во редакцијата на МакРакомет не важиме за оптимисти. Но денес сме едногласни – Македонија може да ја победи Словенија.
Овиe победнички очекувања, ги базираме на неколку фактори, кои според нас ќе придонесат Македонија да излезе како победник од мечот со фаворитот Словенија.
-
Играта 7 на 6
Само ракометните наивци може да очекуваат Червар да игра со седум играчи во напад само против одредени селекции. Игра со играч повеќе Червар ја форсира во Металург цела сезона. А како одминуваше сезоната, тој овој начин на игра го форсираше во екот на сите 60 минути (мечот Татран – Металург во последното коло од СЕХА е како за во учебниците кога е во прашање 7-6). Јасно дека против брзи и експлозивни репрезентации, како што е тоа словенечката, тоа може да претставува меч со две острици, но сепак се зависи од нашите ракометари. Доколку техничките грешки ги сведат на помалку од 5 по полувреме и доколку се сконцентрирани при реализацијата, залудна ќе биде брзината на Словенците.
-
Лазаров
Македонскиот капитен како и секогаш кога настапува во репрезентативниот дрес, игра на највисоко ниво. Во првите дав меча беше извонреден, со висок процент на реализација и тоа радува. За тоа може помага и нападот со 7 играчи кој му создава многу повеќе чисти позиции за шут. Од друга страна, со отсуството на Бомбач и Зорман кај Словенците, тие немаат играч кој може да „потегне“ доколку е тоа потребно.
-
Червар
Не е коректно да се каже дека Вујовиќ е послаб тренер од Червар. Или помалку инвентивен. Но, Лино има позади себе многу големо искуство и знаење како да ги подготви своите ракометари за еден ваков натпревар. Натпревар во кој нема да решава само играчкиот квалитет туку и психичката подготвеност и мотивација.
-
Талески / Нелоски
Младите ракометари конечно добиваат значајна минутажа на овој шампионат. И не само што добиваат можност да играат, туку и претставуваат важни карики во репрезентацијата. Сепак, на првите два натпревари се виде дека тиe, сосем очекувано, се уште играат во грч и до прва треба да покажат што знаат, или спортски кажано „да експлодираат на терен“. Мечот со Словенија е совршен момент за тоа.
-
Аутсајдерската улога
И пред почетокот на шампионатот, а и по одигрување на првите две кола, Словенија останува апсолутен фаворит на овој натпревар. Позитивен резултат за Македонија ќе биде рамно на сензација. И тоа и одговара на Македонија. Нашата репрезентација знае како да се носи со една таква улога. Па така, за разлика од 1/8 финалниот дуел на минатото светско првенство каде Македонија влезе како фаворит, притисокот овој пат е врз Словенија. И Македонија тоа треба да го искористи.