Со лесен триумф, екипата на Вардар ги продолжи настапите во групата Б од Лигата на Шампиони. Конечни 25-20 во меч во кој победата на Вардар во ниту еден момент не беше во прашање.

Отвори Вардар со извонредни 5-0 и го реши победникот уште на самиот почеток. Доминираше Вардар во текот на целото прво полувреме и иако Загреб во неколку наврати се обиде да дојде приклучок и пресврт, сепак Вардар беше објективно посилен. На полувреме Вардар отиде со 14-8. Овој резултат покажува дека Вардар одигра извонредна одбрана. Играчите на Загреб се мачеа да изградат позиција, а и кога ќе го направеа тоа, Штербик на голот бранеше извонредно.

Второто полувреме Вардар го одигра подеднакво добро, Раул им даде шанса речиси на сите играчи и рутинирано го приведе мечот до крајот за многу значајна победа.

Најдобар кај Вардар беше Душебаев со 7 гола од 10 бодови, пред Карачиќ и Циндриќ со по 4, три постигна Чупиќ, додека Шишкарев и Дибиров по два гола. Стрелци на по 1 гол беа Стоилов, Македа и Деревен. На голот одличен и Штербик со 11 одбрани.

Кај гостите се истакна Добривоје Марковиќ со 6 постигнати погодоци, а солиден вшечаток остави и Лука Мраковчиќ, доскорешниот играч на Металург, кој постигна 3 гола од 3 обиди, иако одигра само 20-тина минути.

Со овој триумф Вардар се врати на толку посакуваното прво место во својата група од Лигата на шампиони. До крајот на регуларниот дел од сезоната Вардар има уште 4 меча од кои можеби најтешкиот го игра наредниот викенд во Унгарија, каде ќе се обиде да се одбрани од налетите на ПИК Сегед, кој во моментов има само бод помалку од Вардар.