Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров ќе ја продолжи својата кариера во Франција, каде потпиша две годишен договор со екипата на Нант. Лазаров ќе си замине од Барселона после четири години, иако каталонците му понудија да остане уште една година.

Кире Лазаров ќе биде претставен во Нант после завршувањето на сезоната, а ќе биде дел од големиот проект на францускиот клуб.

„Доаѓањето на Кире Лазаров е огромна работа за нашиот клуб. Ситуацијата е слична како кога Алберто Ентрериос доаѓаше во нашиот клуб, станува збор за две глобални спортски ѕвезди. Фактот дека успеавме да доведеме ракометар со реноме како Кире Лазаров го сместува Нант во една поинаква ракометна димензија и е доказ за еволуцијата на нашиот клуб“
– изјави тренерот на Нант, Тјери Анти.

Лазаров е задоволен од соработката, а амбициите на овој клуб беа доволни за нашиот Лазаров да започне една нова приказна, со нови предизвици.

„Презадоволен сум што постигнавме договор за соработка со челниците на Нант. Ова е тим што се развива од година во година, амбициите се очигледни и јас со нетрпение очекувам да пристигнам во новата средина. Ќе имам можност да заиграм во една од најсилните лиги во светот, воедно и повторно да играм во Лигата на шампионите. Гледав неколку средби на Нант сезонава и навистина ми се допаѓа како игра оваа екипа. За мене ова е возбудлив нов предизвик во кариерата“ – изјави Кире Лазаров по потписот на договорот со новиот клуб.

МакРакомет му честита и посакува уште многу успеси во иднина!