Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров во интервју за интернет порталот „Балкан хендбол” има само пофални зборови за селекторот Лино Червар и смета дека јавноста во нашата земја не е свесна за големината на хрватскиот стратег.

„Лино го обожаваат во Македонија, но, има и такви кои го мразат. Средина нема. Мое лично мислење е дека не сме свесни кого го имаме, а ќе се освестиме кога или доколку го изгубиме. Повторно се враќаме на истата тема – произведување на играчи. Тој е голем визионер, полн со идеи, многу иновативен и стрплив во реализацијата на задачите кои ги поставува. Искрено се надевам дека Червар ќе остане за да продолжиме по патот кој заедно го започнавме. Но, треба да го поддржиме” – изјави Лазаров.

Лазаров проговори и за своето заминување во Нант по крајот на оваа сезона.

„Имав доста непреспиени ноќи бидејќи имав доста интересни опции и донесувањет на одлуката беше тешко. Барса беше во игра до последен момент. Сепак, одлучија да го подмладат тимот нешто слично како што Германците направија во Полска и дојдоа до златото. Нант покажа дека има големи амбиции за во иднина. Тоа е тим кој полека, но, сигурно се искачува кон врвот. Оваа сезона го победија ПСЖ со седум разлика а тоа не е едноставно. Не можеш да го ‘добиеш’ ПСЖ без озбилен квалитет. Имаат амбиции и стратегија да бидат уште подобри. Беа конкретни во преговорите што многу ми се допадна. На мене оставија впечаток дека стварно ме посакуваат”
– изјави Лазаров.

Целото интервју може да го погледнете на следниот ЛИНК.