Во својот прв натпревар како тренер на ЖРК Вардар, Ирина Дибирова дојде и до првата победа. Ракометарките на ЖРК Вардар одиграа одличен натпревар против германскиот шампион Турингер, кој допатува во Скопје со 11 играчи како аутсајдер. Натпревар кој „црвено-црните“ го крунисаа со убедлива победа од 36:26 (19:12), и како првопласирани во групата 1 ќе влезат во 1/4 финалето во Лигата на шампиони.

Вардарки уште на почетокот на натпреварот покажаа дека Турингер нема што да бара во Скопје. По првите 5 минути од натпреварот, ракометарките на ЖРК Вардар направија серија од 5-0 и се одлепија резултатски. За потоа само рутинуирано го одиграа натпреварот, зголемувајќи ја предноста до 10 погодоци разлика. Дибирова им даде шанса на сите ракометарки да одиграа, кои ја искористија својата шанса да го покажат својот квалитет.

Првите натпревари од 1/4 финалето ќе се играат во периодот од 7-ми до 9-ти април, а реванш натпреварите во периодот од 14-ти до 16-ти април.

Најефикасни на натпреварот беа Радочевиќ со 9, Пенезиќ и Лекиќ со по 5 постигнати погодоци, додека кај гостите најефикасна беше Лузумова со 7 постигнати погодоци.