Денес, сабота, екипата на Вардар го игра заостанатиот меч од 4-то коло во СЕХА лигата, против екипата на Брест Мешков. Мечот доаѓа во вистинско време и за Вардар, и за домаќинот Брест, бидејќи веќе наредниот викенд двете екипи ги очекуваат нови дуели во Лигата на Шампиони. Ова особено се однесува на македонскиот претставник РК Вардар, кој наредното коло го игра дерби дуелот со екипата на Веспрем. Но за тоа, потоа. Викендов Вардар е фокусиран само на новиот настап во СЕХА лигата. Го очекува меч во кој ќе треба нивото на играта да биде на високо ниво, како би освоиле нови 2 бода. Ова особено е тешко, имајќи во предвид дека дел од играчите беа отсутни заради репрезентативни настапи и секогаш е тешко кога се менува ритамот на работа.
Во изјава пред мечот, тренерот на Вардар Раул Гонзалес го потенцираше квалитетот на противникот, но и јасните очекувања за нова победа. „Мешков е многу квалитетен тим. Тие играат одлично на домашен терен, а оваа сезона тие имаат и посилен тим во споредба со минатата година. Тие играат силно во одбраната и имаат одлични стрелци. Ова беше потврдено и на нивниот последен натпревар против Веспрем. Мислам дека ова е многу добро за нас, тимот да има силен натпревар пред дуелот со Веспрем во ЛШ. Очекувам победа која ќе не донесе еден чекор поблиску кон F4.“
Македонската екипа на гостувањето патува без Душебаев, на чие место поголема минутажа се очекува да добие Терзиќ, како и без суспендираниот голман Милиќ.
Независно од се, на денешниот меч очекуваме квалитетот на Вардар да биде пресуден.
Мечот се игра во Белорусија, со почеток во 16:00, со директен пренос на МРТ.