Во првиот натпревар по репрезентативната пауза македонскиот првак Вардар ремизираше со белорускиот првак Мешков Брест.

Во првата третина од натпреварот предност имаше Мешков Брест (8:5 во 19-тата минута), за потоа Вардарци да успеат да дојдат до 12:12 на полувремето. Второто полувреме, во најголем дел, се играше гол за гол за на крајот мечот да заврши со конечен резултат 25:25.

Црна дамка на мечот ќе остави судиската одлука од 57-та минута кога судиите не досудија пенал за Вардар кога Рајко Продановиќ во неспортски потег го повлече Тимур Дибиров за шорцевите додека тој беше во скок. Револтиран Дибиров тргна сам да „се пресмета“ со Продановиќ, па двајцата заработија исклучување. Сепак и по укажувањето на другите вардарови ракометари за ситуацијата, судиите не ја променија одлуката и не досудија пенал.

Вредно е да се спомене голманското шоу кое го приредија голманите Иван Пешиќ (14 одбрани) и Арпад Штербик (11 одбрани). Најефикасен во составот на Вардар беше Тимур Дибиров со 8 погодоци, а по три постигнаа Данис Кристопанс, Хорхе Македа и Лука Циндриќ. Во составот на Мешков се истакнаа Александер Шкурински и Љубо Вукиќ со по 4 погодоци и Петар Џорџиќ со 3 погодоци.

Следниот меч за Вардар во регионалната СЕХА лига е гостувањето кај Татран Прешов во сабота во 18:00.