Вечерва, ракометарите на Вардар ќе имаат шанса да станат вториот тим во регионалното натпреварување кој успеал две години по ред да го подигне пехарот, по Веспрем. На патот на ова остварувањето стои стариот должник, ППД Загреб, кој пред пет години токму среде Скопје го подигна пехарот. Тогаш хрватскиот првак славеше победа и ја освои првата и досега единствената титула во СЕХА лигата.
Вардарци веќе најавија дека годинава нема да дозволат да им се повтори истото сценарио и дека се подготвени овој пат да ја одбранат титулата пред својата публика што би била рекордна четврта за „црвено–црните“.
„Историјата се повторува, бидејќи уште еднаш ќе се соочиме со Загреб во СЕХА финалето тука во Скопје. Бев во составот на Вардар, кога не успеавме да го освоиме пехарот пред пет години и дефинитивно не би сакал да се повтори истото. Сакам да ја освоиме СЕХА. Ова навистина ќе значи многу за нас и, се разбира, ќе дадеме сé да го завршиме турнирот на вистински начин. Завршницата за нас ќе биде увертира пред четвртфиналето на Лигата на шампионите“ – изјави Игор Карачиќ.
Натпреварот започнува од 20:15 часот, со директен пренос на МРТ.