Македонската машка репрезентација во недела од 20:30 часот ја пречекува селекцијата на Романија во првиот дуел од баражот за Светското првенство во Данска и во Германија. Противник кој во квалификациите за последното Европско првенство се наоѓаше во група со Белорусија, Србија и Полска и заврши на 3-тата позиција.

Нашиот репрезентативен голман Златко Даскалоски следната сезона ќе игра во тимот на Стразбур од Франција, но одлично ги познава Романците бидејќи досега играше за тимот на Темишвар.

„Ракометот во Романија во последниве години е во голема експанзија, очекувањата од нив се да се пласираат на едно големо натпреварување, а шансата за тоа сигурно ќе ја гледаат против нас. Имаат подмладена репрезентација со неколку искусни репрезентативци и одличен селектор, Чави Пасквал. Ќе биде тешко, особено што вториот натпревар ќе го играме на нивни терен, а тоа сигурно ќе биде пред полни трибини, затоа што Романците го сакаат ракометот. За ова четиригодишно искуство во Романија мислам дека имаме противник кој не е за занемарување и никако не смееме да го потцениме“ – изјави Даскалоски за 24Ракомет.