ЕХФ го суспендираше тренерот на Металург, Данило Брестовац. Казна според која тој нема да може да го води тимот на утрешниот натпревар против Чеховски Медведи. Според образложението од ЕХФ, Данило Брестовац бил директно дисквалификуван за време на натпреварот против Силкеборг поради агресивно вербално и невербално однесување кон делегатот на ЕХФ, откако доби две минути исклучување.
Во отсуство на казнетиот Данило Брестовац, на клупата на Металург на овој натпревар ќе бидат неговите помошници Оливер Димитриоски и Петар Мисовски. Металург може да се жали во рок од седум дена, но тоа не ја менува казната.
Екипата на Металург бележи лоши резултати во Лигата на шампионите, каде од четири натпревари има исто толку порази. Но Брестовац сеуште пробува да го консолидира тимот, по што за утрешниот натпревар направи две измени во тимот за разлика од гостувањето во Силкеборг. На голот се враќа Никола Даниловски на местото на Виктор Василевски, а на местото на бекот Мартин Сарафимов ќе добие шанса Стефан Додиќ.
Натпреварот меѓу Чеховски Медведи и Металург се игра утре со почеток во 15:00 часот.