По речиси едномесечна пауза, продолжуваат натпреварите во Лигата на шампионите. Во викенд во кој трите македонски екипи ќе имаат натпревари во Европа, први својот настап ќе го имаат ракометарите на Вардар. И тоа во дуел со минатогодичниот учесник во ЛШ, екипата на Веспрем. Дуел кој е прв во низата соочувања во групата за пласман на едно од првите две места на табелата.
Вардар може, Вардар знае, Вардар има сили да остане непоразен и по ова 5-то коло во Лигата на шампионите и уште еднаш да ги потврди своите високи амбиции за сезонава. Ќе грми во сабота во 19:00 часот во салата Јане Сандански, и тоа Вардар мора да го искористи да го совлада моќниот противник.
А Веспрем е токму таков – моќен. Тоа е една од само трите екипи во годинешната Лига на шампиони кои се со максимални 4 победи. И има зошто тоа е така. Страшна прва постава, со подеднакво силна и долга клупа. Тоа му овозможува на Веспрем исто темпо во текот на сите 60 минути. При ваков играчки ростер, тешко е да се издвојат најдобрите играчи, но сепак, како и во секоја екипа и тука има играчи кои се стожерот на тимот. Главен играч е Ласло Наги. Веспрем пред некоја година реши дека му е потребен играч со квалитет и авторитет на теренот, за да може да оди до Фајнал 4 на ЛШ и затоа го врати Наги во своите редови по долгата интернационална кариера. И иако Наги веќе не постигнува голови како во минатото (во првите 4 кола има само 7 постигнати голови), тој игра исклучително паметно и „дели“ безброј асистенции. Колку ќе успее да биде во форма по неодамнешната повреда, останува да видиме во сабота. Србинот Момир Илиќ е вториот клучен играч. Српската гол-машина и оваа сезона е незадржлив со над 8 гола по натпревар. Значењето на Илиќ е зголемено со фактот дека толкавиот број на голови се од мал број на удари кон голот, па нема непотребно трошење на топки. Заедно со овие два бека, тријаголникот во нападот на Веспрем се затвара со Ренато Сулиќ. Феноменалниот пикер е втор стрелец за екипата во првите 4 кола и претставува постојана опасност за противничкиот гол. Секако, покрај овие играчи не може а да не се споменат и голманот Алиловиќ, Шпанците Чамо Родригез и Гарсија Угале, потоа Нилсен, Маргуч, Цајц, и ред други.
Но и Вардар има свои адути. Феноменална е македонската екипа сезонава. Цврстата одбрана предводена од Штербик, убиствената контра на крилата на Дибиров и Брумен и разновидниот напад предводен од Карачиќ и Душебаев, како и феноменалните пикери Стоилов, Тоскиќ и Чипурин се клучните карактеристики на Вардар годинава.
Вардар не само што мора така да одигра и во сабота, туку треба да се обиде да го крене нивото на игра за уште еден степен, доколку сака да оствари успех против екипата на Веспрем. Веруваме дека тоа е можно. #СоСрцеЗаВардар