талески

Македонската репрезентација веќе утре и задутре ќе одиграат два контролни натпревари против репрезентацијата на Србија, од кои првиот ќе биде од отворен, а вториот од затворен карактер. Натпревари после кои селекторот Раул Гонзалес ќе го направи конечниот список на ракометари за Светското првенство во Германија и Данска.

Талентираниот Филип Талески во пресрет на Мундијалот е свесен за неговата улога во репрезентацијата, каде заедно со останатите “млади“ колеги редно време е да превземат одговорност и да го дадат својот максимум за репрезентацијата.

„Ќе имаме тешка задача на претстојното СП. Имаме група со тешки ривали, а, згора на тоа, променет е и системот на натпреварување, па во следната фаза, наместо досегашните четири, одат првите три селекции. Ќе треба да бидеме максимално фокусирани на целото првенство, почнувајќи од дуелот со Јапонија, репрезентација што е во подем и која се подготвува за Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио. Ни остануваат уште неколку дена да се подготвиме за воведниот натпревар, а потоа да одиме чекор по чекор во секој нареден. Целосно сум свесен за мојата улога и за одговорноста што треба да ја преземам во националниот тим. Можам слободно да кажам дека веќе редно време е и ние помладите да преземеме поголем дел од одговорноста, особено јас како играч што има поголема минутажа од другите. Не треба да се криеме зад формулацијата „млад играч“ – изјави Филип Талески за порталот Нова Македонија.