Во првиот, но и единствен, официјален пријателски натпревар, македонската ракометна репрезентација лесно и убедливо ја совлада репрезентацијата на Србија со 37-31.
Првата постава која се очекува и да ги почнува натпреварите во Германија беше Ристески на голот, Манасков, Талески, Кузмановски, Лазаров, Георгиевски и Стоилов во поле. Во одбраната централно место имаше Велко Марковски кој го менуваше Лазаров.
Изгледаше добро Македонија во овој дуел. Во текот на целиот натпревар нашата селекција знаеше што сака и го контролираше текот на натпреварот. Од самиот почеток Раул форсираше брза транзиција, па нашите играчи, особено Манасков и Кузмановски погодуваа лесно во контри и полуконтри. Како и години наназад, клучен играч во нападот при поставена одбрана на противникот беше Кире Лазаров, овој пат не со головите, туку со асистенциите беше двигател на репрезентацијата.
Во обраната, во првиот дел, одигравме солидно. Најчесто со 5-1, Македонија добро се снаоѓаше со противничките играчи.
Во второто полувреме, Македонија продолжи фуриозно. Раул речиси цело второ полувреме го одигра со 7 играчи во напад, што изгледаше добро во првите 10-15 минути од вториот дел, што резултираше со двоцифрена разлика. Сепак и тогаш, а особено до 45-та минута до крајот, во нападот правевме грешки, што резултираше со неколку примени голови без голман на нашиот гол. Во позициона игра, и одбраната и особено Борко одиграа добро, што секако не значи дека нема простор за корекции.
На крајот, 37-31 за Македонија. Најпрецизни беа Дејан Манасков со 9 погодоци, Кузмановски со 6, Кире Лазаров и Пешевски со по 5 погодоци, додека Гоце Георгиевски даде 4 погодоци, сите во првото полувреме од исто толку обиди.
Македонија и Србија вториот натпревар ќе го одиграат утре, но тој ќе биде од затворен карактер.
Македонија последните денови пред СП ќе ги помине во Скопје, од каде во текот на следната недела заминува во Минхен каде од 11-ти Јануари ги започнува дуелите на Светското првенство.