Македонската ракометна репрезентација го заврши Светското првенство на 15-то место. Неуспех или реален одраз на можностите? Тешко е да се процени. Факт е дека Македонија на ова првенство замина со цел да ја помине групата и да се бори за повисок пласман, со цел обезбедување место на Олимписките квалификации. Во тоа не успеа.
Сепак, Македонија на ова првенство настапи со значително подмладена селекција. Првенствено без Миркуловски, Јоноски и Прибак, и тоа се очекуваше дека ќе се осети во настапите и резултатите. Наместо нив, во репрезентацијата значителна минутажа добија Кузмановски и Талески на бековската позиција, и во напад и во одбрана. Во тимот беа и младите играчи како Серафимов (19г.), Крстевски (22г.), Поповски (24г.). Тие сепак беа само статисти и речиси и не добија посериозна минутажа (со исклучок до некаде на Поповски и Крстевски, но само во Президент купот).
Македонија сепак главно се потпре на искусните играчи и на ова првенство. Кире Лазаров, Гоце Георгиевски, Дејан Манасков, Стоилов и Пешевски, Борко Ристески и Филип Лазаров најмногу одиграа на првенствово и го понесоа главниот товар. Тоа сепак не беше доволно за пласман понатаму.
Дали можеше подобро? Дали репрезентацијата беше соодветно подготвена за противниците? Како во иднина, на секоја позиција?
Екипата на #МакРакомет во наредниве денови со низа текстови и анализи ќе даде свои видувања на овие теми. Ги повикуваме и сите наши читатели да дадат мислење. МакРакомет ќе ги објави сите пристигнати текстови, со цел да овозможи да се чујат различни мислења за спортот број 1 во Македонија и репрезентацијата која до сега, а веруваме и во иднина ќе ни носи многу радости. Впрочем, нема друг спорт во кој македонскиот национален тим може да се носи со европскиот првак