Раул Гонзалес повеќе не е селектор на македонската ракометна репрезентација. РМФ на нивниот официјален сајт објави дека бил постигнат договор за спогодбен раскин на соработката.
„Земајќи ја предвид потребата машката А-селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збуднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клубски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.Би сакале да му се заблагодариме на “Ел команданте” за досегашното работењe со нашиот А-тим и му посакуваме се најдобро: многу успеси и многу титули во иднина. Иако ќе ни недостасува неговата смиреност и тактичност на клупата, продолжуваме секој со своите предизвици кон нови победи“ – стои во соопштението од ракометната федерација.
Раул Гонзалес на тренерското столче пристигна на местото на Лино Червар и ја водеше Македонија на две големи натпреварувања – ЕП 2017 и СП 2018 година.