Стевче Алушовски РК Вардар тренер

Денес на официјалниот сајт на Вардар објавија дека поранешниот играч и капитен на Вардар, Стевче Алушoвски е новиот тренер на најтрофејниот македонски ракометен клуб. Тој ќе го замени Едуард Кокшаров кој беше привремено решение по прекомандата на Давид Писонеро од прв тренер, во асистент.

Пред Стевче Алушoвски претстои голем предизвик, бидејќи најпрво ќе треба да ги консолидира „црвено-црните“ редови, да се справи со повредените ракометари и да го врати тимот на вистинскиот пат, по кој се движеше послените три сезони.

Вардар ќе биде третиот клуб на Алушовски во својата тренерска кариера, откако претходно ги водеше битолските екипи Пелистер и Еурофарм Работник.

„Голема чест и вистински предизвик е да се биде предводник во клубот што зад себе има две шампионски титули во три години. Клубот во кој играв 10 години, бев капитен и освоив вкупно 11 титули секогаш имал големо место во моето спортско срце. Верувам дека ќе продолжиме на победничкиот пат. Размислуваме како подобро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната. Се надевам повредите и малерите ќе не одминат и ќе можеме да ја оствариме зацртаната цел. Секогаш е тешко да се одбрани она што е освоено, но имаме позитивна мисла и добра мотивација” – изјави Стевче Алушoвски.

После новогодишните празници Алушовски ќе ја има и првата прозивка со екипата, односно со играчите што ќе бидат слободни и нема да заминат на ЕП со своите репрезентации.

Фото: Официјалниот сајт на РК Вардар