Сигурна победа на Македонија на пријателскиот меч со Србија од 29-32. Добра игра и одличен резултат се главните карактеристики на овој натпревар. По изедначеното прво полувреме, Македонија одигра уште посилно во вториот дел и сигурно, речиси рутинирано стигна до триумф.
Мечот го карактеризира една целосно нова игра на ракометната селекција на Македонија. Наместо спората транзиција и долгите напади, гледавме исклучително брза транзиција, многу комбинаторика и на крајот над 30 постигнати голови. Ваквата игра резултираше со многу создадени шанси за гол од крилните и пикерските позиции, наместо досегашното форсирање на Лазаров во нападот.
Во одбраната се уште има простор за напредок, особено поради фактот што и тука е видлива промената – многу движење со малку прекршоци, наместо досегашната цврста игра 6-0, на работ на дозволеното. Се чини дека селекторот ќе треба да поработи на овој дел на играта во последните денови од подготовките.
На денешниот меч се издвоија Георгиевски, Талески, Стоилов и Пешевски, како и предводниците на оваа репрезентација, Лазаров и Миркуловски. На шампионатот ќе треба да очекуваме многу повеќе од голманите, како и Кузмановски и Ојлевски. Денес не настапија Манасков и Прибак, кои се очекува да добијат значајна минутажа во Хрватска.
Ова беше втор, и последен тест на нашата репрезентација пред европскиот шампионат во Хрватска. Репрезентацијата се сели во Скопје, каде мирно ќе ги одработи последните 7 дена од подготовките, пред заминувањето во Хрватска и првиот меч со Словенија, на 13.01.