Феноменалниот голман на РК Вардар, Арпад Штербик и официјално потпиша двегодишен договор со Веспрем!
Еден од клучните играчи на Вардар, по завршувањето на оваа сезона ќе се пресели во унгарскиот тим чиј дрес го носеше во периодот од 2001 до 2004 година.

Во интервју за официјалниот сајт на унгарскиот тим вели дека е среќен што одново ќе го облече дресот на Веспрем.

„Имав неколку понуди, но не можев да го одбијам Веспрем. Во мојата кариера секогаш се борев за највисоките цели. Станува збор еден од најдобрите тимови во Европа, затоа ја прифатив оваа понуда. Тука имам многу пријатели, едноствано се чувствувам како дома. Сакав да бидам поблиску до дома, за моите деца подобро е да живеат во Унгарија. Едвај чекам да играм пред фановите, да се вратам во Арената“
– изјави Арпад Штербик во интервјуто за официјалната страница на Веспрем.

Говорејќи за неговата возраст и одличните партии кои сѐ уште ги прикажува во дресот на Вардар, Штербик објаснува дека желбата да биде сѐ подобар и подобар го одржува во живот.

„Кога дојдов во Вардар, дојдов со намера да станам подобар голман како што годините одминуваат. Желбата за победување е иста кај мене уште како во првиот ден кога почнав да се занимавам со ракометот. Тоа е тоа што ме одржува во форма постојано, а од Вардар заминувам како подобар голман“
– изјави Штербик.

Штербик ќе дојде на местото на голманот на хрватската репрезентација, Мирко Алиловиќ кој од следната година ќе замине кај дирекниот конкурент на Веспрем, екипата на Пик Сегед.