Уште еден олимписки циклус за македонската ракометна репрезентација без остварување на крајната цел – учество на олимписките игри.

Се чини овој пат се одеше во полза на Македонија. 9-то место на СП во Катар ја донесе по наша процена најлесна можна квалификациска група за пласман на Олимпијада. Сепак, нов неуспех. Генерацијата која е на залезот не само на својата репрезентативна, туку генерално ракометна кариера, имаше поставено висока цел која требаше да биде круна на извонредните кариери. И Ракометната федерација предводена од Живко Мукаетов целосно се вложи во остварување на оваа цел. Сега сосема очекувано сите го поставуваат прашањето: Како понатаму?

Она што сите мора да го разберат е дека брзи решенија и реакции не смее да има. Во овој контекст најавите за оставка на Мукаетов, и пензионирање од репрезентацијата на голем број играчи треба да се направат со ладни глави, а не во состојба на афект. Ова особено се однесува на претседателот и раководството на РФМ. Тие со својата посветеност и финансиска сигурност овозможуваат РФМ да е практично најдобрата спортска федерација кај нас (веројатно светлосни години пред фудбалската, кошаркарската и одбојкарската). Реално, РФМ од организациски аспект немаше ниту еден кикс, па нема ниту една логична причина Мукаетов да не остане на чело на РФМ.

Што се однесува до играчкиот ростер на репрезентацијата, промени се неминовни и сите знаевме дека ќе дојдат. За жал, сите бевме свесни дека по евентуален кикс на овие квалификации, можно е да се случи одеднаш да се „пензионираат“ поголем дел од играчите. И на ова мора да се пристапи стратешки. Промени се повеќе од неопходни, тоа е јасно. Но поголемиот дел од оваа генерација мора прво да помогне репрезентацијата да се пласира на СП, а дел од неа и да биде дел од тимот на ова СП. Тоа секако зависи од новиот селектор, но за нас тоа е единствениот логичен чекор. Меѓу помладите (генерација 1994, 96 и 98) несомнено има талент, но е пеколно тешко да се прати на СП целосно неискусна репрезентација. Еве, ќе бидеме дрски и ќе лицитираме со имиња. Според нас, костурот на новата репрезентација треба да е јуниорската репрезентација (генерација 1996), 3-4 играчи генерација 1994 и во поширокиот да се најталентираните 1-2 најталентирани од кадетите (генерација 1998). Од сегашниот ростер, долгорочно предводници треба да се Стоилов, Пешевски, Манасков, Ојлески, Георгиевски, Костески, Митревски.
А уште 1-2 години, за преминот да е колку толку полесен, репрезентацијата треба да ја предводат Лазаров, Миркуловски и Прибак. И толку.

Што и да се случи, се почнува од РФМ. Прво, брзо да биде изгласана доверба за Мукаетов и тимот, и потоа да се пристапи кон селектор кој би стапил на функција по јунскиот бараж. Изборот на селектор веројатно е најтешкото прашање бидејќи кога се гради нова репрезентација со млади играчи потребен е не само ракометен експерт, туку и педагог кој знае да работи со младите категории. И некој доволно храбар да се нафати на таква работа во наредните 4 години. А такви нема многу.

Македонската јавност и понатаму ќе има олеми очекувања од својот омилен спорт, и секој пораз ќе го доживува болно. Но ако се презентира концепт со кој за 4 години Македонија ќе ја направи топ 5 репрезентација во Европа, трпение и поддршка несомено ќе има.