Македонската репрезентација одигра повторно еден добар натпревар до 50-та минута, за потоа да следат низа грешки, кои норвежаните умешно ги искористија и се вратија во натпреварот за егал завршница. Завршница во која во последната минута норвежаните во својот последен напад не ја искостија својата шанса за да поведат, потоа во последните 30 секунди истото го направија и македонските ракометари. Со што на семафорот остана резултатот 31:31, бод кој е рамен на победа, бод со кој им ги комплициравме работите на Норвешка околу нивниот пласман во полуфиналето. По што, пласманот на квалификацискиот турнир за ОИ во Рио полека станува реалност, дотолку ракометарите на Норвешка не приредат изненадување и во следниот натпревар ја победат Франција.

Натпреварот одлично го отворија нашите ракометари, разновидно во нападот без многу технички грешки. Но, лесно примавме погодоци од брзите норвежани, одбраната не можеше да најде начин за нивната брза транзиција во првите 15 минути од натпреварот. Во вториот дел од првото полувреме, се почувствува и заморот кај норвежаните. Нашите ракометари се стегнаа во одбраната и благодарение на неколкуте интервенции на Ристовски, македонската репрезентација со мини серија се одлепи резултатски и со голот на Миркуловски со звукот на сирената, замина на полувреме со 17:13.

На почетокот на второто полувреме, ракометарите одлично го сочуваа водството, покрај обидите на норвежаните за негово намалување. Но, сето тоа траеше до 46-та минута, кога по двете едно по друго исклучувања на Јоноски и Мојсовски, норвежаните го искористија тоа и преку брзи контри го израмнија резултатот и влегоа во егал завршница, која заврши со реми, конечни 31:31.

Најефикасни на натпреварот беа Лазаров со 11 и Манасков со 5, додека кај Норвешка најпрецизни беа Бјорнсен со 6 и Јондал со 5 погодоци. Мора да се напомене и одличната игра на Филип Миркуловски, кои имаше неколку асистенции и одигра одлично во одбраната. На голот денес Борко Ристовски имаше 10 интервенци.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е веќе за два дена, против репрезентацијата на Белорусија.