Денес во Автокоманда се одигра дерби натпреварот од второто коло од плејоф фазата во кој се сретнаа екипите на ЖРК Металург и ЖРК Вардар Јуниор. Бодовите останаа во Автокоманда, екипата на ЖРК Металург беше подобар противник и сосема заслужено дојде до победа, 26:25 (13:11). Домашниот тим во текот на целата средба имаше водство, освен во првиот дел кога екипата на Вардар Јуниор поведе со 5:6 за прв и последен пат. Првите 30 минути поминаа во доминација на домашниот тим ЖРК Металург, кој со одлична игра во одбраната и нападот успеваше да го контролира резултатот, а на пауза замина со предност од 2 гола, 13:11. За разлика од првото, второто полувреме беше доста интересно и возбудливо. Во текот на вторите 30 минути имаше многу пати изедначен резултат на семафорот, но сепак екипата на ЖРК Металург со организирана одбрана, како и успешна реализација во нападот успеа резултатски да избега на 20:15. Оваа серија од 5 голови ја започна Николиќ, по неа следуваа 2 брзи голови на Петковска, а оваа серија ја затвори Ливриниќ со гол од пенал за максимални 5 голови разлика, 20:15.  Ракометарките на Вардар Јуниор, се бореа до самиот крај да ја намалат оваа негатива. При резултат 25:23, голманката Серафимова успеа да го одбрани ударот на Бојаџиска од шест метри и тука веќе беше јасно кој ќе биде победникот. Кај ракометарките на ЖРК Металург во последните 2 минути дојде до мало опуштање, па резултатот на крајот на оваа средба беше 26:25.

Со оваа победа, екипата на ЖРК Металург ги зголеми шансите за освојување на првото или второто место на табелата. На трите одиграни натпревари досега помеѓу овие две екипи, составот на Александар Петровски е поуспешен со 2 победи и 1 пораз.

ЖРК Металург – ЖРК Вардар Јуниор  26:25 (13:11)

ЖРК Металург:  Антиќ, Серафимова, Дурланова, Каранфиловска, Белеска 6, Јовановска 4, Николиќ 3, Стојковска 1, Цаневска, Граматова, Ливриниќ 7, Саздовска 2, Дабевска и Петковска 3.     Седмерци: 5/5.     Исклучувања: 8 минути.

ЖРК Вардар Јуниор:  Ладева, Белмезова, Прленда, Петровска, Стојановска 9, Трпковска, Георгиевска, Николовска, Митова 3, Бојаџиска, Нолевска 3, Велкова, Трајчевска, Џани, Керамитчиева 10 и Мишевска.    Седмерци: 3/4.     Исклучувања: 2 минути.

фото: zrk.rkmetalurg.mk