Раководството на РК Тинекс Пролет се одлучи за уште две засилувања, откако потпиша со искусниот Мите Стоилов. Браќата Филип и Александар Василевски се новите имиња во РК Тинекс Пролет, а доаѓаат од екипата на РК Работнички како и Стоилов.
Задоволни од доаѓањето на двајцата млади ракометари, раководството на РК Тинекс Пролет го изјави следното:
„Браќата Василевски се ракометари што ги следевме веќе извесно време и презадоволни сме што успеавме да ги доведеме во своите редови. Едниот настапува како лев бек, другиот како пивот, а настапуваат одлично и во фазата на одбрана. Со нив двајца го продолживме трендот за ангажман на млади македонски ракометари, потпишувајќи договор на две и пол сезони. Со браќата Василевски, како и со искусниот Мите Стоилов, успеавме да составиме силен тим со кој до крајот на сезонава би требало без проблеми да обезбедиме опстанок, а догодина и да атакуваме на висок пласман.“
Ракометниот клуб Охрид за оваа пролетна полусезона се засили со голманот Благојче Трајковски кој настапуваше за екипата на Макс Струмица. Трајковски во дресот на Макс Струмица прикажуваше одлични партии, па токму затоа и беше прогласен за еден од најдобрите во првиот дел од СЕХА лигата.
„Атмосферата во клубот е супер, играчите ме прифатија одлично. Со дел од ракометарите имам настапувано и се познавам, а со другите постепено ќе се запознаваме. Сите овде сме со една цел, а таа е да стигнеме што подалеку во Супер лигата. Ги гледав речиси сите натпревари на Охрид и играчите имаат капацитет за големи дострели сезонава“– порача Трајковски.