Данило Брестовац македонска репрезентација

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац е оптимистички расположен во пресрет на денешниот натпревар против Чешка, свесен дека триумф на оваа средба широко ги отвора вратите кон втората рунда од европскиот шампионат, но истовремено претпазлив во својата тактика.

„Ова е едно мало финале за нас бидејќи со победа таму би се пласирале во следната рунда, па порелаксирани би го дочекале дуелот со Австрија. Мислам дека сме спремни да го направиме тој чекор плус, очекувам подобра игра во нападот и во одбраната и наша победа на крајот. Чесите се комплетна репрезентација, добро покриени на секоја позиција, не е тајна дека Здрахала и Бабак се главни играчи, тоа се ракометари кои одлично се снаоѓаат во ситуации еден на еден и ќе мораме да бидеме многу внимателни за да ги неутрализираме. Чешка е солидна репрезентација, често играме против неа и знае да ни создаде проблеми, но јасно е дека не е несовладлива. Треба да одиграме добро, да ги запреме нивните главни играчи и со тоа да завршиме голем дел од задачата“ – изјави Брестовац.

Брестовац не направи никакви измени во составот пред денешниот натпревар, по што овој натпревар од трибините ќе го следат Мартин Томовски и Мартин Серафимов.

Натпреварот започнува од 16:15 часот, со директен пренос на ТВ Телма.